Press "Enter" to skip to content

Кривична пријава и 30 дена притвор за тројца државјани на Судан по напад на трим патеката во Скопјe

Тројца државјани на Судан се лишени од слобода во скопската населба Кисела Вода, под сомнение дека извршиле грабеж врз 27-годишен жител на Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.

Министерството за внатрешни работи информира дека инспектори од ЕВР-ОКР Кисела Вода поднеле кривична пријава против И.Ш. (20), Х.С. (20) и А.Г. (19), тројцата државјани на Република Судан, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ во обид, по член 237 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Настанот бил пријавен во четвртокот, а се случил на трим-патеката на улицата „11-ти Октомври“ во Скопје. Според пријавата, оштетениот М.Т. (27) од Скопје се движел со своето куче кога бил пресретнат од три лица кои побарале пари од него.

Откако одговорил дека нема пари, осомничените му извршиле пребарување по џебовите, по што физички го нападнале, нанесувајќи му видливи повреди, и потоа се оддалечиле во непознат правец.

По преземени мерки и оперативни активности, полициски службеници ги идентификувале и лишиле од слобода осомничените во 02:45 часот. Тие биле приведени во полициска станица за понатамошна постапка.

Во просториите на Прифатниот центар за странци, во присуство на јавен обвинител, било извршено препознавање, при што оштетениот во целост ги препознал пријавените како сторители на делото.

Истиот ден тие биле изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, кој им определил мерка притвор во траење од 30 дена.

Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.

Повеќе во категорија Црна ХроникаПовеќе постови во категорија Црна Хроника »

Comments are closed.