Во време кога Младински културен центар се соочува со сериозни финансиски и инфраструктурни предизвици, директорот Бени Шаќири порачува дека институцијата не смее да биде заложник на долгови, критики и политички тензии.

МКЦ, култна установа родена по земјотресот во Скопје во 1963 година, денес функционира со товар од околу 250.000 евра долг, затворен планетариум, технички проблеми во „Кино Милениум“ и доцнење на плати за дел од вработените.

„Не правам планови за себе, туку за МКЦ. Сè што работиме е за младите, за љубителите на културата и за сите граѓани“, вели Шаќири, нагласувајќи дека функцијата директор ја сфаќа како одговорност, а не како позиција за лична промоција.
Иако е препознатлив по својата музичка кариера, тој потенцира дека никогаш не ја искористил официјалната сцена на МКЦ за сопствени настапи. „Сум свирел во денсинг-салата, но не и на главната сцена. Таа сцена е за младите“, додава тој.
Во однос на критиките, Шаќири е дециден: долговите се наследени, но ќе бидат сервисирани.
„Секој хонорар ќе биде исплатен. Проблемите со проекторот, со кровот што прокиснува – тоа не е личен неуспех, туку инфраструктурен предизвик.“
Неговата порака е јасна: МКЦ не е ничија приватна сцена, туку заеднички културен простор.
„МКЦ им припаѓа на сите граѓани – не на опструкција, туку на љубов и енергија.“












Comments are closed.