Поп-пејачот Влатко Лозаноски – Лозано се подготвува за својот голем концерт на 7 март во салата „Борис Трајковски“, настан кој доаѓа седум години по неговиот претходен настап на истата сцена. За Лозано, овој концерт е ново поглавје во неговиот живот и кариера, инспирирано од музичката зрелост и семејното среќно ново поглавје – доаѓањето на синот Марко во октомври 2024.

„Овој концерт нема да биде продолжение на претходните. Сценски и продукциски ќе биде на високо ниво, но вистинската разлика е во емоцијата – поинтимно, поискрено, насочено кон директна врска со публиката,“ открива Лозано.
Пејачот додава дека денес е посигурен во музиката и во изборот на песните: „Не се обидувам да бркам трендови, туку трајност и чувство. Приватно сум поопуштен, со јасни приоритети. Зрелоста не е во брзината, туку во трпението и во начинот на кој ги преживуваме големите моменти.“
Сепак, и покрај долгогодишното искуство, трема и грижа остануваат неизбежни: „Колку и да имаш искуство, секој голем концерт носи одговорност. Се прави ментална слика од првиот тон до последниот аплауз, но кога ќе излезам на сцена и ќе ја почувствувам енергијата од публиката, тремата исчезнува и се претвора во чиста емоција.“
2025 беше година која остави трага кај него – по трагичниот пожар во дискотека „Пулс“, каде загинаа 63 лица, меѓу кои неговите пријатели од дуото „ДНК“, Владимир Блажев-Панчо и Андреј Ѓорѓиески. „Со нив ме врзуваше многу повеќе од музика. Ќе ги паметам по човечноста и топлината. Кога ќе се сетам на нив, прво доаѓа насмевка и чувство на топлина.“

Лозано ја сподели и радоста од родителството: „Синот Марко и сопругата за нас беа приватен момент. Сакавме да го проживееме семејно, пред да го споделиме со јавноста.“
Семејната куќа во кичевското село Белица е негово место на мир: „Тамa се чувствувам приземјено и поврзано со корените. Не е обврска, туку начин да останам близок со семејството и местото од каде потекнувам.“
Музиката останува неговата главна професија, но Лозано ги цени и искуствата надвор од студиото: „Сè што научив надвор од музиката ми помогна да бидам дисциплиниран, трпелив и да ги почитувам трудот и процесот. Мислам дека токму тоа ме држи приземен денес.“
Во студиото на својот продуцент Лазар Цветкоски и со текстописецот Магдалена Ена Цветкоска, Лозано создава хитови со внимание на секоја нота и емоција: „Ништо не се брза, се бара вистинската емоција, финалната верзија е заедничка одлука – песната мора да има душа.“
На концертот, Лозано најавува нови песни и музички изненадувања, со цел секој настап да донесе нешто свежо за публиката: „Сакам секој голем настан да биде посебен и неповторлив момент за оние што ќе се таму.“






Comments are closed.