Македонската режисерка Тамара Котевска, добитничка на Големата награда на Санденс 2019 и двапати номинирана за Оскар во 2020 година со документарниот филм „Медена земја“, повторно го насочува вниманието на светската филмска јавност кон македонскиот рурален простор, традиционалните вредности и исчезнувачките начини на живот.

На 17-тиот филмски фестивал „Лес Аркс“, Котевска е претставена со документарецот „Приказната за Силјан“, прикажан надвор од конкуренција на Филмскиот фестивал во Венеција и избран како македонски кандидат за Оскар, како и со својот прв игран филм „Човек против јато“, вклучен во програмата „Работа во прогрес“.
„Приказната за Силјан“ – документарен филм за штрковите, земјоделците и исчезнувањето на симбиозата
Филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска е документарец што ги испреплетува природата, семејството, економскиот контекст и бајковитата нарација, користејќи го мотивот на штрковите во Македонија како симбол на длабоката врска меѓу човекот и земјата.
Истражувајќи ја популацијата на штркови во Македонија, Котевска открива дека тие сè почесто се хранат на депонии, наместо на обработливи полиња, што станува метафора за распадот на традиционалниот рурален начин на живот. Паралелно со тоа, таа го следи и семејството на земјоделецот Никола, прикажувајќи ја борбата на луѓето што живеат надвор од хиперкапиталистичкиот систем.

Рурален свет наспроти капитализам
Како и во „Медена земја“, филмот е цврсто вкоренет во Источна Македонија, регион кој Котевска го користи за да истражи домородни начини на преживување, луѓе кои сè уште живеат според архаични вредности, далеку од потрошувачкото општество.
„Ќе пропаднеме како општество ако заборавиме како живееле нашите предци и какви биле нивните вредности“, истакнува Тамара Котевска – порака што станува централна тема и во „Приказната за Силјан“, но и во нејзиниот целокупен авторски опус.
„Човек против јато“ – првиот игран филм на Тамара Котевска
Нејзиниот дебитантски игран филм, „Човек против јато“, е инспириран од контроверзната изградба на автопатот од кинески компании во Македонија, еден од најскапите инфраструктурни проекти во историјата на земјата. Филмот тематизира корупција, институционална тишина, еколошки криминал и семејни конфликти, прикажувајќи судир меѓу младите што бараат економска сигурност и постарата генерација што одбива да ја напушти земјата. Главната поента на приказната е дека владата ја користи изградбата на овој автопат за да скрие нелегална депонија, што е многу честа појава во Македонија. Огромен проект со странски инвестиции може да скрие цела низа други нелегални проекти. Но, тоа е исто така извор на семејни конфликти бидејќи многу семејства се поделени помеѓу млади луѓе кои добиваат работа од тоа и постара генерација која не сака да ја напушти својата земја.
Документарниот филм „The Tale of Silyan“ („Приказната за Силјан“) н триумфираше на 41. издание на IDA Documentary Awards во Лос Анџелес, освојувајќи ја наградата за најдобар документарен филм и најдобра камера.
„Ова е мојот најличен филм досега. Го посветувам овој успех на сите документарни воини ширум светот“, вели Котевска.
Наградата за најдобра камера оди во рацете на кинематограферот на „Приказната за Силјан“ – Жан Дакар.

IDA признанијата важат за едни од највлијателните во светот на документарниот филм и се сметаат за еден од најсилните индикатори за успех во оскаровската трка. Добитниците многу често се наоѓаат меѓу номинираните, но и меѓу добитниците на Оскарите.
Овој успех ги зацврстува шансите на „Силјан“ во двете категории во кои се натпреварува во претстојната оскаровска сезона.
Следен проект: документарец во Сибир
Паралелно со играните проекти, Котевска работи и на нов документарен филм снимен во Сибир, меѓу народот Долгани, на најсеверната населена точка на планетата. Филмот ги истражува климатските промени, културната трансформација и исчезнувањето на традиционалните занимања, како чувањето ирваси, заменето со потрага по мамутски заби.








Comments are closed.