Press "Enter" to skip to content

Ана Стојановска (психолог): „Зошто прифаќаме трошки љубов? – што навистина се крие зад недефинираните врски“


Во време кога сè повеќе односи немаат јасна дефиниција, а прашањето „што сме ние?“ станува непријатно, љубовта добива нови форми – но и нови несигурности. Недефинираните врски, пријателствата со сексуална компонента и онлајн запознавањето отвораат простор за слобода, но и за збунетост и емоционална нестабилност.


Љубовта денес: еволуција или бегство?

– Не мислам дека се променила потребата за љубов. Таа останува длабока и суштинска. Она што се менува е начинот на кој ја изразуваме и дефинираме, вели Стојановска.

Современите партнерства сè почесто се градат околу автономијата. Луѓето сакаат блискост, но не по цена на губење на сопствениот идентитет. Затоа има повеќе разговори за граници, сексуалност, лична слобода и преиспитување на традиционалните улоги.

– Од една перспектива, тоа е еволуција. Стануваме поискрени за нашите потреби. Но постои и друга страна – кога врската нема име, нема ни јасни очекувања и одговорност. А токму одговорноста е она што најчесто го избегнуваме.


Зошто остануваме во нејасни односи?

Според Стојановска, вистинското прашање не е зошто остануваме, туку што добиваме од нејасноста.

– Кога нема дефиниција, имаме чувство на слобода – блискост без целосна обврска. Но цената е намалена сигурност. Барањето јасност носи ризик. Ако прашам „Што сме ние?“, можам да добијам одговор што ќе ме повреди. Во нејасноста барем постои надеж.

Недефинираната врска често е психолошка заштита од можната загуба. Но емоциите не функционираат според статусот на односот.

– Ако инвестираме чувства, веќе сме вклучени. Без разлика дали односот има назив или не.


Онлајн запознавањето: изобилство од избор, помалку трпение

Апликациите за запознавање создаваат впечаток на бескраен избор. Но токму тоа може да ја ослаби способноста за продлабочување на односите.

– Кога опциите се многубројни, лесно се појавува мислата дека некаде постои „нешто подобро“. Тоа создава динамика на постојано пребарување – повеќе контакти, но помалку задржување. Се намалува толеранцијата за несовршености.

Длабоката поврзаност, нагласува таа, не се гради преку бројот на „match-еви“, туку преку присуство, трпение и емоционално вложување.


„Гостинг“ – избегнување наместо разговор

Во дигиталната комуникација, исчезнувањето без објаснување станува сè почеста појава.

– Не мислам дека „гостингот“ е нов феномен. Луѓето отсекогаш избегнувале непријатни разговори. Денес тоа е само полесно – доволно е да не одговорите на порака.

Според Стојановска, проблемот често не е во лоша намера, туку во недостиг на емоционална писменост.

– Многумина не знаат како да кажат „Ова не е тоа што го барам“ без да се чувствуваат виновни. Но избегнувањето не ја елиминира одговорноста – само ја префрла болката на другата страна.


Кога едниот се надева, а другиот избегнува

Во недефинираните односи често постои нерамнотежа. Едната страна се надева, другата останува дистанцирана.

– Во такви ситуации лесно влегуваме во анксиозност. Почнуваме да се прашуваме дали сме направиле нешто погрешно, дали не сме доволни. Кога нема јасни одговори, вината често ја насочуваме кон себе.

Долготрајното останување во ваква динамика може сериозно да ја поткопа самодовербата.

– Најголемата опасност е што постепено се навикнуваме на „малку“ – на трошки внимание, на половична присутност – и почнуваме да веруваме дека тоа е максимумот што го заслужуваме.


Парадоксот на современата осаменост

И покрај постојаната комуникација, многумина се чувствуваат осамено.

– Ставивме силен акцент на независноста и грижата за себе, што е здраво. Но понекогаш ја запоставуваме храброста да бидеме ранливи. Наместо да учиме како да бидеме во длабока врска и истовремено да ја зачуваме личната вредност, учиме како да останеме безбедни и сами.

Виртуелната комуникација создава контакт, но не секогаш и вистинско чувство дека сме видени и разбрани.

– Не ни недостасува комуникација. Ни недостасува блискост.

Повеќе во категорија КултураПовеќе постови во категорија Култура »

Comments are closed.