Со стихови што допираат до срцето и мелодија што носи болка, денес беше објавена емотивната балада „Фросина“, посветена на младата Фросина Кулакова, која прерано го загуби својот живот. Песната претставува не само музичко дело, туку и спомен, јавна порака и лек за душата.

„Фросина, убавина, гулаб бел и светлина… Фросина, детелина, ревија и судбина…“
Овој рефрен, кој тешко остава некого рамнодушен, го изведува Александар Митевски, придружен од женскиот хор ФРИДА. Текстот е дело на Огнен Неделковски, додека музиката и аранжманот се создадени од Александар Митевски.
Песна создадена од љубов и почит
На профилот на Дац и Александар, песната беше споделена со порака:
„Слушнете ја ‘ФРОСИНА’ – балада во спомен на Фросина Кулакова, чија младост згасна на 29 јануари минатата година.
Песната е подарок од авторите за семејството Кулакови и Фондацијата ‘Фросина Кулакова’.
Напишана во една доцна ноќ, со текстот на Огнен и гласот на Александар, како демо снимка.“
Авторите порачуваат дека „Фросина“ треба да биде спомен, парче светлина и утеха, како и поука за нацијата.
Музика како паметење

Од Фондацијата „Фросина Кулакова“ истакнуваат дека баладата е искрена почит и јавна порака:
„Музиката и уметноста можат да бидат форма на паметење, завет и повик за промена.“
Фондација со мисија

Фондацијата, основана од семејството на Фросина, има за цел да создаде платформа за култура на грижа, правда и свесност. Преку културни, едукативни и општествено одговорни проекти, таа го претвора личниот губиток во јавна мисија со општествено значење.

Средствата од фондацијата ќе бидат наменети за ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.
„Threads of Light“ – почеток на нова иницијатива
Во таа чест се одржа донаторската вечер „Threads of Light“ која претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.
Од Фондацијата посочуваат дека секоја сообраќајна трагедија е дел од долг процес на соочување, и дека оваа иницијатива не е само еднократен настан, туку почеток на поширока општествена солидарност.
„Threads of Light“ ја става уметноста, културата и човечката солидарност како сојузници на промена – во име на Фросина и сите кои ја изгубиле младоста прерано.










Be First to Comment