Над 250 жители од 63 домаќинства се привремено сместени во спортската сала „Христо Узунов“ во Кичево, откако поројните дождови повторно ја излеаја Зајаска Река и предизвикаа сериозни поплави во повеќе делови од градот.

Најтешко е погодена улицата „Прилепска“, каде што водата во некои домови достигнала и до два метра височина на ѕидовите. Жителите, со кофи и пумпи, самостојно ја исфрлаат водата и се обидуваат да спасат што може да се спаси, додека екипите на институциите интервенираат со механизација на терен.
Според информациите од Центар за управување со кризи, евакуираните имаат обезбедено храна и вода, но условите во салата засега не овозможуваат нормално одржување на лична хигиена. Градоначалникот најави дека во текот на денот ќе се работи на подобрување на условите.
Иако реката се повлекла во коритото, нивото останува високо, а стравот од нови излевања е присутен кај жителите. Апелите за донации – ќебиња, вода и храна – се упатуваат преку Црвен крст на Република Северна Македонија, со цел организирана и транспарентна распределба.

Во меѓувреме, во Тетово состојбата е стабилизирана, без нови излевања на Вардар кај Форино, додека во Битола е пријавен поплавен објект кај Буковски мост. Нивото на Црна Река кај Новаци достигнало 310 сантиметри.
Поради снег и врнежи, воведена е забрана за камиони на дел од патните правци кон Стража и Маврово, а дождовите според прогнозите ќе продолжат и во наредните денови – што дополнително ја усложнува ситуацијата на терен.











Comments are closed.