Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против вработен на Меѓународниот универзитет во Тетово, кој е осомничен дека присвоил повеќе од 3,3 милиони денари од студентски уплати, користејќи фалсификувани потврди за плаќање.

Според соопштението на Управата за финансиска полиција (УФП), кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Тетово против А.З., административен службеник и виш соработник за логистика и теренско работење.
Тој се сомничи за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Фалсификување исправа“.
Присвоил студентски уплати
Според истрагата, во периодот од март 2020 до февруари 2023 година, осомничениот наместо да ги уплати парите што студентите му ги давале во готово за школарина, партиципација, кофинансирање и други студентски трошоци преку системот E-pay, ги задржувал за себе.
На овој начин, како што соопштува УФП, противправно се стекнал со 3.362.272 денари, а за истиот износ бил оштетен Буџетот на Меѓународниот универзитет во Тетово.
Изработувал лажни потврди за уплата
За да го прикрие присвојувањето на средствата, осомничениот наводно изработувал фалсификувани потврди за извршени уплати, кои им ги предавал на студентите како доказ дека нивните финансиски обврски се подмирени.
Според Финансиската полиција, при изработката користел податоци и QR-код од вистинска потврда за електронска уплата, а потоа ги менувал имињата на уплатувачите, износите и датумите, создавајќи лажни документи.
Студентите не знаеле дека уплатите не се извршени
Верувајќи дека уплатите се успешно реализирани, студентите ги прикачувале потврдите во електронскиот систем на Универзитетот и ги доставувале до студентската служба како официјален доказ за плаќањето.
Случајот е доставен до Основното јавно обвинителство во Тетово, кое ќе одлучува за понатамошната постапка.





Comments are closed.