Press "Enter" to skip to content

Уапсен Македонец во Хрватска: Лажно се претставувал како лекар и измамил шест лица за повеќе од 41.000 евра

Хрватското Државно обвинителство поднесе обвинение против 58-годишен државјанин на Македонија, кој е осомничен дека, лажно претставувајќи се како лекар, измамил шест лица и незаконски прибавил повеќе од 41.000 евра.

Според обвинението, осомничениот во текот на јуни и јули 2025 година во Загреб дејствувал заедно со засега непознати соучесници, користејќи добро организирана измамничка шема.

Лажно се претставувал како лекар

Обвинителството наведува дека осомничениот телефонски контактирал со жртвите, претставувајќи се како лекар.

Тој им кажувал дека нивни блиски роднини биле тешко повредени во сообраќајни несреќи и дека итно се потребни пари за наводни медицински трошоци и лекување.

Верувајќи во приказната, оштетените се согласувале да ги предадат бараните суми.

Потоа, обвинетиот или лица кои дејствувале со него ги подигнувале парите директно од жртвите.

Измамени шест лица

Според хрватското обвинителство, на овој начин биле измамени шест лица, а вкупната материјална штета изнесува 41.400 евра.

Против 58-годишникот е поднесено обвинение за кривично дело измама, а случајот претставува продолжение на истрагата за која хрватските власти информираа во април годинава.

Обвинителството бара продолжување на притворот

Хрватското Државно обвинителство побарало од судот да му биде продолжен притворот на обвинетиот.

Како причини се наведуваат опасност од бегство, како и ризик осомничениот да го повтори кривичното дело доколку биде пуштен да се брани од слобода.

Повеќе во категорија СветПовеќе постови во категорија Свет »
Повеќе во категорија Црна ХроникаПовеќе постови во категорија Црна Хроника »

Comments are closed.