Според најновото истражување на тинк-тенкот „Аналитика“, дури 54 отсто од населението во Северна Македонија се пушачи, што е двојно повеќе од просекот во Европската Унија. Најголем дел од секојдневните пушачи се на возраст од 50 до 64 години. Оваа навика сериозно ги оптоварува семејните финансии, па според професорот Борче Треновски, домаќинствата во кои се пуши трошат значително помалку на храна, облека и здравје. Кај најсиромашните граѓани, трошокот за цигари може да проголта дури 30 отсто од домашниот приход. Иако цената е фактор, истражувањето покажува дека таа не е доволен мотив за трајно откажување доколку државата не обезбеди програми за поддршка и советување.
Во меѓувреме, се подготвува нов, построг Закон за заштита од пушење кој веќе наидува на отпор кај угостителите. Со новите измени се предвидува целосна забрана на класични и електронски цигари во сите затворени јавни простории и работни места, забрана за пушење во автомобил доколку внатре има малолетно дете, како и строги правила за угостителските тераси кои ќе мора да бидат отворени од најмалку две страни.
Граѓаните во голема мера ги поддржуваат овие предлози, особено заштитата на малолетниците во возилата и забраната за рекламирање на електронски цигари. Експертите апелираат дека државата не треба само да собира пари преку акцизите, туку дел од тие средства мора да ги насочи кон кампањи за превенција и помош за одвикнување, следејќи го примерот на земјите како Франција и Велика Британија кои драстично го намалија бројот на пушачи.






Comments are closed.