Press "Enter" to skip to content

ОХО најави голем мултимедијален проект за Тоше Проески: Ќе се снимаат филм и две серии.

Македонската продукција ОХО започнува голем мултимедијален проект посветен на Тоше Проески, кој поради сложеноста на неговиот животен пат ќе се развива низ три одделни формати: игран филм, играна серија и документарна серија.

Деталите за овој регионален потфат беа претставени пред медиумските професионалци на фестивалот Weekend.19 во Ровињ, на панелот насловен „Next Big Thing Toše Proeski Film“. На сцената за концептот говореа продуцентот Пеце Талески, авторот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин.

Продуцентот Талески истакна дека иако Тоше бил регионално препознатливa ѕвезда, приказната за човекот зад успехот е универзална и може да допре дури и до публика која не ја познава неговата музика. Главниот мотив за проектот, пак, потекнува од реченицата на Тоше од неговото последно интервју „И јас би сакал да го знам тој Тоше“. Според авторот Стоименов, целта на проектот е да се пронајде токму момчето од Крушево и човекот зад гласот и митот, во период кога приватниот Тоше имал сè помалку простор за обичен живот.

За сценаристичкиот тим, главниот товар е издвојувањето на најважното од огромниот корпус материјали и сведоштва за пејачот кој трагично загина на 26-годишна возраст. Најголемиот предизвик, според Андреј Волкашин, е да се најде вистинскиот баланс – каде престанува сувата биографија, а каде започнува филмот.

Претставувањето на проектот во Ровињ беше заокружено со промоција на македонски производи, каде што присутните дегустираа вина од „Тиквеш“ и производи на „Витаминка“.

Повеќе во категорија КултураПовеќе постови во категорија Култура »
Повеќе во категорија ШоубизнисПовеќе постови во категорија Шоубизнис »

Comments are closed.