Сериозна криза ја потресува Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, каде околу 50 медицински и административно-технички работници веќе пет месеци работат без да добијат плата. Револтирани од неизвесноста и институционалниот молк, тие излегоа на мирен протест пред Министерството за финансии, барајќи исплата на заработените средства и конечно решавање на нивниот работен статус.
Според нивните тврдења, од почетокот на годината не им биле продолжени договорите за работа, но и покрај тоа продолжиле да ги извршуваат своите работни обврски, грижејќи се за пациентите и нормалното функционирање на клиниката.

Работниците велат дека со месеци не добиваат конкретен одговор од надлежните институции, додека нивната егзистенција станува сè потешка. Дел од нив работат со привремени договори и по неколку години, без сигурност и без основни работнички права.
„Која е логиката, работиме во здравство, а немаме здравство? Идеме на работа за да добиеме решение. Има колешки што со договор работат веќе осум години“, изјави Седат Буши, работно ангажиран на Клиниката за детски болести.
Слична порака испрати и Фљора Гаши, која нагласи дека работниците сè уште не знаат каде е проблемот и зошто постапката не е завршена.
„Некои велат дека листата не била добро поднесена, но никој не ни кажува конкретно што е проблемот. Немаме никаков одговор“, рече таа.
Од Министерството за финансии соопштија дека постапуваат согласно законските прописи и процедурите што важат за буџетските корисници. Сепак, од менаџментот на Клиниката посочуваат дека сите потребни барања биле навремено доставени до надлежните институции.
Раководството предупредува дека без овие 50 работници, функционирањето на Клиниката за детски болести би било сериозно загрозено. Станува збор за кадар кој има значајна улога во секојдневната работа на установата и во грижата за најмладите пациенти од целата држава.
Случајот повторно го отвори прашањето за статусот на здравствените работници ангажирани со привремени договори, како и за хроничниот недостиг на медицински кадар во јавното здравство. Додека институциите ја префрлаат одговорноста, вработените предупредуваат дека времето истекува и дека решението мора да пристигне што е можно побрзо.











Comments are closed.