Полицијата ги идентификуваше и приведе лицата кои се појавија на видео на социјалните мрежи како пукаат со пиштоли за време на семејна веселба во селото Добридол, гостиварско.

По објавената снимка, полициски службеници од СВР Тетово спровеле акција, при што биле извршени претреси на повеќе локации. Во акцијата се приведени шест лица, додека едно лице е повикано на службен разговор.
При претресите биле пронајдени и одземени оружје и муниција, а против лицата ќе следуваат соодветни пријави по целосно документирање на случаите.
Пронајдени пиштоли, куршуми и чаури
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека претресите биле извршени во текот на вчерашниот ден.
Кај И.С. (21) и А.И. (30) од село Добридол бил пронајден и одземен гасен пиштол.
При претрес во домот на Б.А. (46) биле пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол, додека во дворот биле пронајдени 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје.
Од слобода биле лишени Б.А. и неговиот син М.А. (21).
Пронајден и пиштол со куршуми и ловна пушка
Во продолжение на акцијата, полицијата извршила претрес и кај Т.М. (26) од Добридол.
Таму биле пронајдени и одземени:
- пиштол со осум куршуми,
- ловна пушка со седум куршуми,
- гасен пиштол.
Лицето било лишено од слобода, додека С.М. бил повикан на службен разговор.
Следуваат кривични пријави
Од МВР информираат дека сите приведени лица се задржани во полициска станица за понатамошна постапка.
По целосното расчистување и документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.






Comments are closed.