На денешен ден пред точно 19 години, Македонија и целиот Балкан замрзнаа од шок и неверување. Во страотна сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Хрватска, згасна животот на нашиот најголем музички амбасадор, Тоше Проески. Имаше само 26 години.
Кобното утро на 16 октомври 2007 година, Тоше спиел на совозачкото седиште кога автомобилот удрил во камион, а потоа во заштитната ограда. Тој почина на самото место. Веста за неговата смрт ја зави нацијата во црно. Собранието ја прекина работата, училиштата затворија, а илјадници луѓе со солзи и свеќи спонтано ги преплавија плоштадите. Приказната за момчето од Крушево започна скромно. Иако сакал да биде лекар, судбината имала друг план. Како што откри пејачката Тијана Дапчевиќ, нејзиниот татко го слушнал Тоше како свири кларинет и му порачал на неговиот татко: „Каков кларинет, тој е пејач и треба да пее!“ Сè што следеше потоа е историја – од „Макфест“ и Евровизија, до хитовите „Игри без граници“, „Соба за тага“ и „По тебе“ кои станаа химни на една генерација.
Зад ангелскиот глас се криеше човек со огромно срце кој несебично помагаше како амбасадор на УНИЦЕФ. Сепак, славата си го зеде данокот. Во своето последно интервју, само неколку дена пред трагедијата и неговиот последен концерт на 5 октомври, Тоше искрено призна: „Машинеријата ме стави во барабанот… сакам, но не можам да се вратам.“ Тој само сакаше да може да прошета низ град како сите нормални луѓе.
Деветнаесет години подоцна, неговиот глас, неговата насмевка и неговата добрина сè уште живеат во срцата на милиони луѓе ширум Балканот. Почивај во мир, Тоше!






Comments are closed.