Press "Enter" to skip to content

ДИВО НАПЛАЌАЛЕ ВЛЕЗНИЦИ ЗА „КАМЕНИ КУКЛИ“ Татко и ќерка тврделе дека локалитетот е нивна сопственост


ТУРИСТИТЕ ПЛАЌАЛЕ ПО 250 ДЕНАРИ ЗА ПОСЕТА

Со години туристите кои го посетувале познатиот локалитет „Камени кукли“ во кратовското село Куклица биле изложени на неовластена наплата на влезници од локални жители, кои тврделе дека просторот е нивна приватна сопственост.

Според информаците посетителите биле принудувани да плаќаат по 250 денари за пристап до заштитената природна реткост, а во одредени случаи им било оневозможувано и влегување на локалитетот.

На видео-снимка што пристигнала до медиумите се гледа жена која им објаснува на туристите дека теренот е нејзин имот и дека без плаќање не можат да пристапат до просторот.

ПОЛИЦИЈАТА ПОСТАПУВА ПО СЛУЧАЈОТ

Од Секторот за внатрешни работи Куманово потврдија дека случајот е пријавен и дека за него е известен надлежен јавен обвинител.

Воедно, како што информираат од полицијата, за настанот ќе бидат известени и повеќе инспекциски служби со цел целосно расчистување на состојбата околу управувањето со локалитетот.

ОБВИНИТЕЛЕН АКТ ПРОТИВ ДВЕ ЛИЦА И ЗДРУЖЕНИЕ

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека против две лица и здружението „Извор“ е поднесен обвинителен акт поради сомнение за узурпација на недвижности.

Дополнително, против едно лице бил изречен казнен налог поради закани кон посетители, откако наводно се обидело да ги заплаши туристите со пуштање куче.

ОПШТИНА КРАТОВО: ПОСЕТИТЕЛИТЕ СЕ ИЗЛОЖЕНИ НА ЗАПЛАШУВАЊЕ

Од Општина Кратово наведуваат дека локалитетот подолг период се управува бесправно и дека посетителите биле изложени на различни форми на притисок.

Според локалната самоуправа, имало случаи на лажно претставување, заплашување на туристи и неовластена наплата на средства за влез во природната знаменитост.

СУДСКАТА БИТКА СÈ УШТЕ ТРАЕ

Општината посочува дека веќе е донесена судска пресуда со која просторот треба да биде предаден на „Музеј на град Кратово“, кој е надлежен за негово управување.

Сепак, пресудата е обжалена, поради што предметот моментално се наоѓа пред второстепен суд.

До конечната судска одлука, останува неизвесно кога локалитетот целосно ќе премине под институционална контрола и ќе биде ставен на располагање на посетителите без дополнителни пречки.

Повеќе во категорија Црна ХроникаПовеќе постови во категорија Црна Хроника »

Comments are closed.