Денеска, 14 октомври, се навршува точно една година откако Македонија остана без Владимир Блажев – Панчо, музичарот, диџеј и незаменливата половина од култното дуо ДНК. Тој почина на 46-годишна возраст, по седуммесечна храбра битка со тешките повреди добиени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Една година подоцна, неговите песни сѐ уште ечат, а пријателите и колегите се сеќаваат на него како на човек со огромно срце, секогаш подготвен да помогне и да насмее. Зад сценскиот имиџ на Панчо и DJ Shorty, стоеше Владимир, сопруг, татко на два сина и лојален пријател кој никогаш не заборави од каде потекнува.
Неговата музичка приказна започна со „ОК Бенд“, но вистинската експлозија се случи во 2001 година кога со Андреј го формираа ДНК. Хитовите како „Девојка за вечер“, „Пази дете“, „Навлечен на тебе“, „Полна месечина“ и „Ако утре ме нема“ остануваат химни за многу генерации. И покрај огромниот успех, тие никогаш не се сметаа за недопирливи ѕвезди , токму во нивната скромност се криеше тајната на нивното долгогодишно опстојување на сцената.
Панчо ќе остане запаметен и по неговата огромна хуманост. Заедно со Андреј постојано помагаа на ранливите категории, со посебен фокус на децата, нешто за што сведочат бројни училишта, новинари и родители на кои несебично им изнудувале насмевки. Тој беше и еден од ретките кои јавно ги кршеа табуата за менталното здравје. Отворено зборуваше за својата борба со анксиозноста, стравот од гужви и барањето стручна помош кај психолог, со цел да ги охрабри сите оние кои во тишина ги водат своите најтешки битки.
Неговото физичко отсуство боли, но неговата музика и добрина ќе живеат вечно.






Comments are closed.