Мајката на 14-годишната Назире Шерифи од Кавадарци, која на 9 јули трагично го загуби животот во Гостивар, јавно побара целосно да се расветли случајот и да се открие што навистина се случило во паркот каде што девојчето било повредено.
Во емотивно сведоштво Зуфа Шерифи раскажува дека последниот разговор со својата ќерка засекогаш ќе го памети.

„Таа беше мојата месечина. Тој ден замина со внучето и со девојчето на девер ми кај лулките. Ми се јави, ми рече дека купиле кифли. Ѝ кажав да не седи долго. Ми одговори: ‘Добро’, ми мавна со раката и ми рече: ‘Чао мамо’. Тоа беа последните зборови што ми ги кажа“, раскажува низ солзи мајката.
Набргу потоа добила повик да замине во болницата во Гостивар.
„Ми рекоа да земам здравствена книшка и веднаш да дојдам. Кога ја видов Назире, знаев дека моето девојче починало“, вели таа.
Мајката не верува дека станува збор за обичен пад од лулашка и бара темелна истрага.
„Од таа лулка сама не може да падне и да почине. Таа треба силно да се лула за да се случи такво нешто. Барам да се најде човекот што ја лулал“, изјавува Шерифи.
Таа додава дека од полицијата ѝ било кажано дека ќе се проверуваат снимките од безбедносните камери и инсистира тоа да се направи што е можно побрзо.
„Околу лулките има многу камери. Сакам да се дознае вистината. Дали се земени отпечатоци? Имало многу крв, а четири заби од местото ми ги донесоа соседите. Не барам никаква отштета. Барам само да се најде одговорниот и да одговара за тоа што се случи“, вели мајката.
Според информациите што претходно ги соопшти Министерството за внатрешни работи, малолетничката била донесена без знаци на живот во Медицинскиот центар во Гостивар, откако паднала од лулашка во градски парк. Во 20:55 часот дежурен лекар ја констатирал смртта.
Од МВР информираа дека за случајот бил известен јавен обвинител, кој наредил телото на починатата да биде предадено на обдукција. По завршувањето на истрагата и утврдувањето на сите околности, надлежните институции се очекува да соопштат повеќе информации.
Случајот е во фаза на истрага, а причините и околностите што довеле до трагедијата сè уште официјално не се утврдени.




Comments are closed.