Press "Enter" to skip to content

СВЕДОЦИТЕ НА ОДБРАНАТА ТВРДАТ ДЕКА ПОМАГАЛЕ, РОДИТЕЛИТЕ ГНЕВНИ: ЗОШТО НЕ ГО СПРЕЧИЈА ХОРОРОТ?

Судскиот процес против 13-те полицајци, обвинети за непостапување за време на страотниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ (каде загинаа 63 лица), продолжува со нови контроверзии и револт кај родителите на жртвите.

На последното рочиште, сведоците предложени од одбраната на полицајците сведочеа дека униформираните лица всушност помагале во спасувањето. Еден од сведоците (малолетен за време на трагедијата) изјави дека забележал полиција пред влезот пред пожарот, но не видел да прават нешто повеќе од легитимирање. Други двајца сведоци потврдија дека по избувнувањето на огнот, полицајците (меѓу кои и обвинетиот Марјан Радевски) активно помагале во расчистување на влезот, извлекување на повредените и давале инструкции за нивен транспорт.

Но, за родителите на 63-те жртви, ваквите сведоштва се обид за замаглување на вистината. Нив не ги интересира кој помагал кога пеколот веќе започнал, туку зошто воопшто било дозволено објектот да работи.

„Во судницата повторно слушаме дека полицијата помагала. Не ја оспоруваме помошта на поединци по избувнувањето на пожарот, но клучното прашање е зошто воопшто бил дозволен концерт во објект што работел незаконски? Зошто концертот не бил спречен ако не бил пријавен во МВР? Зошто не било интервенирано поради употребата на пиротехника?“, прашува револтирано Александар Наунов, татко на едно од загинатите деца и претседател на здружението „16-ти март 2025“.

Родителите бараат судот јасно да разграничи, спасувањето не е исто што и спречување. Тие бараат одговорност за службените пропусти и затајувањето на институциите кои директно доведоа до загуба на 63 млади животи.

Comments are closed.