Трендот на новопријавени пациенти со стомачни тегоби во Гостивар не опаѓа, а здравствените власти и натаму бележат висок број нови случаи. Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека во последните 24 часа повторно се регистрирани меѓу 250 и 300 пациенти со симптоми, додека Владата најави дополнителни мерки за поддршка на граѓаните.

До 300 нови случаи дневно
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека состојбата внимателно се следи, но засега нема значително намалување на бројот на новозаболени.
„Трендот на новопријавени граѓани со стомачни тегоби во Гостивар не опаѓа. Во последните 24 часа имаме нови пријавени случаи. Бројката се движи околу 250 до 300 случаи дневно. Вчера имаше околу 100 пациенти на Детското одделение и 160 на Инфективното одделение. Денеска имаме слична бројка на Детското одделение и околу 200 пациенти на Инфективното одделение“, изјави Клековски.
Владата обезбедува 60.000 литри вода
Поради состојбата со водоснабдувањето, Владата најави испорака на 60.000 литри вода за пиење за граѓаните на Гостивар.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека, иако водоснабдувањето е надлежност на локалната самоуправа, Владата нема да дозволи граѓаните да останат без поддршка.
„Граѓаните нема да бидат оставени сами. Владата интервентно обезбедува бесплатна вода за пиење додека трае кризата“, порача Мицкоски.
Водата ќе се дистрибуира на повеќе пунктови низ Гостивар, меѓу кои Општата болница „Ферид Мурад“, Територијалната противпожарна единица, градинката „Пролет“, СЕОУ Гостивар, Водостопанство, АД ЕСМ и подружницата на ЈП „Национални шуми“.
Продолжуваат контролите и истрагата
Од Владата соопштија дека надлежните институции продолжуваат со интензивни контроли, лабораториски анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за појавата на епидемијата.
Воедно, беше нагласено дека по утврдувањето на сите околности ќе биде побарана одговорност од сите инволвирани, согласно законските процедури.
Во тек е прочистување на водоводниот систем
Според премиерот Мицкоски, локалното јавно претпријатие започнува со прочистување на водоводниот систем. Во првата фаза водата треба повторно да може да се користи за технички потреби и одржување на личната хигиена, а потоа и за пиење, по потврда од надлежните институции.
Тој истакна дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата сè додека кризата целосно не се надмине.
Во однос на евентуалната одговорност, премиерот порача дека морална одговорност треба да понесат сите инволвирани во локалната власт, додека за евентуална кривична одговорност ќе одлучува Обвинителството.





Comments are closed.