Триесет и четиригодишна жена го загуби животот неколку дена по породување на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, откако претходно била подложена на четврти царски рез.

Според официјалните информации од Клиниката, родилката на 27 февруари 2026 година, во 38-та гестациска недела, била примена како високо ризична пациентка во петта бременост. Поради три претходни царски реза, лекарскиот тим одлучил породувањето да се изврши со уште еден – четврти по ред оперативен зафат.
Од болницата наведуваат дека хируршката интервенција поминала уредно и без компликации.
По операцијата, пациентката била префрлена на постоперативна интензивна нега.
Но, состојбата ненадејно се влошила. За време на престојот на интензивна нега, родилката се пожалила на силна болка во градите. Веднаш бил повикан анестезиолошки тим и започната итна срцево-белодробна реанимација. Лекарите успеале привремено да ги вратат виталните параметри.

Пациентката била приклучена на механичка вентилација и ставена под постојан кардиореспираторен мониторинг. Во третманот биле вклучени кардиолог и невролог, извршени биле ЕКГ, ехокардиографија, рендген на бели дробови и серија лабораториски анализи, со континуирано следење на коагулацијата на крвта.
И покрај, како што велат од Клиниката, преземените мерки и мултидисциплинарниот пристап, жената починала на 1 март 2026 година на Одделението за интензивна нега.
Телото е предадено на обдукција, а конечната причина за смртта ќе биде утврдена по пристигнувањето на патохистолошкиот наод.

Случајот бил разгледан и од Комисијата за контрола на квалитет во установата. Од Клиниката изразија сочувство до семејството и длабоко жалење за загубата на младиот живот.
Истрагата за точните околности продолжува.






Comments are closed.