Press "Enter" to skip to content

КОЧАНИ ВО СОЛЗИ: 63 бели столчиња за 63 изгубени животи – една година од трагедијата во „Пулс“

Една година болка, тишина и непребол помина од трагичниот пожар што на 16 март 2025 година однесе 63 млади животи во Кочани. Градот денес повторно застана – во спомен на младоста што никогаш нема да се врати.

Со поставување на симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“ во Паркот на револуцијата започна одбележувањето на годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“. Секое столче носеше бела роза – тивок симбол на прекинатите соништа и недоживеаните животи.

Покрај столчињата беше поставена и книга на жалост, каде граѓаните, семејствата и делегациите оставаа пораки на почит и сеќавање.
„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат“ – беше пораката што ги пречека сите кои дојдоа да оддадат почит.

На комеморацијата присуствуваа семејствата на жртвите, голем број граѓани, како и државниот врв – премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и претставници од политичкиот, академскиот и општествениот живот.

Болка што не минува

И по една година, болката не стивнува. Напротив – станува подлабока.
Говорниците на комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ во Центарот за култура „Бели мугри“ потсетија дека трагедијата не однесе само животи, туку и цела генерација соништа.

„Изгубивме инженери, доктори, наставници, бизнисмени, занаетчии, идни родители. Изгубивме иднина“, беше истакнато на настанот.

Минута молк во 02:32

Точно во 02:32 часот, моментот кога започнал пожарот во дискотеката, граѓаните оддадоа почит со минута молк.

„Да застанеме заедно во тишина за нашите 63 ангели“, порачаа од здружението „16 Март 2025“, организатори на собирот пред објектот на „Пулс“.

Пред дискотеката беа поставени и срциња со имињата на загинатите, симбол на љубов, спомен и болка што никогаш нема да исчезне.

Пораки на солидарност

Во книгата на жалост се потпишаа и претставници на институции и дипломатски мисии.

„Денес се сеќаваме на младите животи што беа изгубени и на соништата што прерано завршија. Стоиме рамо до рамо со семејствата и преживеаните.“

Кочани денес не е само град на сеќавање – туку и симбол на болката што ја дели цела држава.
63 млади животи засекогаш ќе останат дел од колективната меморија на Македонија.

Повеќе во категорија Црна ХроникаПовеќе постови во категорија Црна Хроника »

Comments are closed.