Press "Enter" to skip to content

НАД 20 ВРАБОТЕНИ СО ГОДИНИ НЕ ОДЕЛЕ НА РАБОТА, А ЗЕМАЛЕ ПЛАТА: ШОКАНТНИ НАОДИ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ



ДИРЕКТОРКАТА ТВРДИ: КОЛЕГИ ИМ ГИ ОТЧУКУВАЛЕ КАРТИЧКИТЕ ЗА 200 ЕВРА

Сериозни неправилности, сомнежи за злоупотреби и милионски трошоци без соодветна контрола открила новата директорка на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Марија Андоновска.

Според нејзините тврдења, меѓу 20 и 30 вработени со години воопшто не се појавувале на работа, а редовно земале плата. За да бидат евидентирани како присутни, наводно плаќале по околу 200 евра на колеги кои им ги отчукувале картичките за присуство.

РЕВИЗИЈАТА ОТКРИЛА СЕРИОЗНИ ПРОПУСТИ

Случајот доаѓа откако Државниот завод за ревизија објави неповолен извештај за финансиското работење на Институтот за 2024 година.

Директорката вели дека уште по преземањето на функцијата биле забележани бројни неправилности, по што биле известени и надлежните институции. Од Институтот биле подигнати околу дваесетина класери со документација за натамошна постапка.

ВРАБОТУВАЊА БЕЗ ИСПИТИ И УНАПРЕДУВАЊА БЕЗ ПОСТАПКА

Според Андоновска, биле затекнати лица вработени без положен административен испит, како и унапредувања направени без потребните процедури и финансиски согласности.

Дел од вработените, како што тврди таа, сами признале дека со години не доаѓале на работа.

ПЛАТИ ДО 150.000 ДЕНАРИ И ДОПОЛНИТЕЛНИ НАДОМЕСТОЦИ

Особено внимание привлекле високите исплати на одредени вработени.

Според директорката, поединци добивале високи плати, дополнети со активна и пасивна приправност, иако според закон тие надоместоци не им следувале.

Во некои случаи, месечните примања достигнувале и до 150.000 денари.

ДОГОВОРИ ЗА ДЕЛО ЗА ПОЛЕВАЊЕ ДВОР И ЧИСТЕЊЕ

Дополнително, околу дваесетина редовно вработени секој месец добивале и договори за дело за активности како полевање двор, чистење околина и архивирање документација.

За овие ангажмани биле исплаќани дополнителни суми од десетици илјади денари месечно.

КАРТИЧКИ ЗА ГОРИВО ИЗДАДЕНИ НА ЛУЃЕ КОИ НЕ РАБОТЕЛЕ ВО ИНСТИТУТОТ

Во контролите биле откриени и картички за гориво издадени на лица кои воопшто не биле вработени во Институтот.

Според директорката, претходно за гориво се трошеле и до 150.000 денари месечно, додека сега трошоците се повеќекратно намалени и покрај зголемениот обем на работа.

НЕСООДВЕТЕН КАДАР НА ВАЖНИ ПОЗИЦИИ

Меѓу најсериозните наоди се и случаи во кои лица без соодветни квалификации извршувале здравствени услуги.

Според Андоновска, фармацевтски техничар земал биолошки материјали и извршувал задачи кои треба да ги вршат медицински сестри или лаборанти.

Таа предупреди дека ваквите практики можеле директно да влијаат врз квалитетот и безбедноста на здравствените услуги.

Повеќе во категорија Црна ХроникаПовеќе постови во категорија Црна Хроника »

Comments are closed.