Секоја година Европа блеснува во празнична магија со над 1.500 божиќни пазари, но одлуката каде да се патува стана полесна благодарение на дури 800.000 патници! Според платформата European Best Destinations, листата за 2026 година донесе огромно изненадување, круната не отиде кај традиционалните Виена или Прага, туку кај романскиот град Крајова! Овој романски бисер се трансформира во светлечка бајка на 280.000 квадратни метри. Годинешната тема е „Крцко Оревокршач“, а покрај огромните декорации, лизгалиштето и панорамското тркало, посетителите ги очекува и санката на Дедо Мраз која „лета“ на најголема височина во Источна Европа. Гастрономската понуда е вистински меѓународен спој од балкански и источноевропски деликатеси.
На второто место се најде Цирих, кој нуди елегантна алпска атмосфера, илјадници сијалички и дури 80 штандови каде доминира познатото швајцарско фондју и топлото варено вино. Третото место му припадна на главниот град на Латвија, Рига, каде празничниот пазар е сместен директно во срцето на Стариот град, под заштита на УНЕСКО.
Четвртата позиција ја зазема Лисабон за оние кои сакаат празници под поблаго зимско сонце, додека топ 5 листата ја заокружува Дебрецен, вториот по големина град во Унгарија, кој нуди автентични ракотворби и славниот колач „kürtőskalács“.
Интересно е што меѓу првите 10 најубави дестинации се најдоа и Говоне и Асти (Италија), Валкенбург (Холандија), Виена (Австрија), Монбелијар (Франција) и Париз (Франција), додека популарната Прага го зазеде дури 14-тото место.



Comments are closed.