Граѓаните кои ќе се најдат во опасност или ќе им биде потребна итна помош на Водно и Кањон Матка отсега ќе можат да се обратат до Планинската спасителна служба преку дежурен телефон, која ќе обезбедува брзи спасителни интервенции на овие две локации.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со Црвениот крст на Град Скопје, го претстави тимот за подготвеност и дејствување при катастрофи, како и проектот за функционирање на Планинската спасителна служба на Водно и обезбедување спасителни интервенции на подрачјето на Кањон Матка.
Во рамки на настанот беше одржана и симулациска вежба за спасување повредено лице во планински услови, при што обучени спасители и парамедици ја демонстрираа својата подготвеност за брза, координирана и професионална реакција.
„Кога е загрозен човечки живот, секоја секунда е драгоцена“, порача Ѓорѓиевски.
Прва помош, евакуација и превенција
Според градоначалникот, преку организирани дежурства ќе се обезбедуваат прва помош, спасување, евакуација и безбеден транспорт на повредени лица, додека спасителните тимови редовно ќе посетуваат обуки и симулациски вежби за дополнително унапредување на својата подготвеност.
Покрај спасителните активности, на Водно и Матка ќе бидат поставени штандови каде посетителите ќе можат бесплатно да го измерат крвниот притисок и да добијат корисни совети за безбедно движење во природа.
Воедно, ќе се реализираат едукативни активности за подигнување на јавната свест за превенција од пожари, заштита на животната средина и безбедно престојување на планина.
Обезбеден поголем буџет
Ѓорѓиевски информираше дека за реализација на проектот е обезбеден буџет двојно поголем во споредба со минатата година, што ќе овозможи подобра опременост, поголема подготвеност на спасителните тимови и поефикасна помош за граѓаните.
На овој број можете да побарате помош
Доколку се најдете во опасност или ви е потребна итна интервенција на Водно или Кањон Матка, можете да се јавите на дежурниот телефон:
072/269-876
или да испратите е-пошта на:
skopje.katastrofi@redcross.org.mk





Comments are closed.