Press "Enter" to skip to content

Канабисот во Македонија: Закон има, пристап нема – пациентите принудени на црниот пазар

И покрај тоа што уште во 2017 година беше воведена законска рамка за медицинска употреба на канабис, реалноста покажува дека системот не функционира во корист на пациентите. Наместо регулиран и достапен третман, голем дел од лицата со здравствени проблеми се принудени да се снаоѓаат во сивата зона или директно на црниот пазар.

Според актуелните искуства, постојната регулатива во пракса го фаворизира бизнис-сегментот – лиценцирани компании кои произведуваат за извоз – додека домашните пациенти остануваат маргинализирани. Во меѓувреме, институциите покажуваат ограничен интерес за суштинска реформа на системот.

Анкета на јавноста покажува дека дури 75% од граѓаните поддржуваат некаква форма на легализација – од нив 40% се за поширока легализација, а 35% исклучиво за медицински цели. Сепак, и покрај ваквиот јавен став, темата не добива сериозен политички фокус.

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави можни законски измени, но тие засега се насочени кон спречување злоупотреби кај лиценцираните компании, а не кон подобрување на пристапот за пациентите.

Активисти предупредуваат дека законот практично е „замрзнат“ – листата на болести за кои може да се препишува канабис не е проширена со години и опфаќа само неколку состојби како рак, ХИВ, мултиплекс склероза и епилепсија. Во меѓувреме, глобално, канабисот се користи за третман на повеќе од 100 различни состојби.

Проблемот дополнително го потврдуваат податоците од Институт за јавно здравје, според кои дури 91,7% од корисниците набавуваат канабис нелегално, додека само мал процент имаат пристап до легални или медицински препишани производи.

Во Европа, трендот оди во спротивна насока. Земји како Германија, Малта и Чешка веќе имаат легализирана употреба за возрасни, додека други држави развиваат функционални медицински програми преку аптеки или контролирани системи.

И покрај растечкиот европски пазар и економскиот потенцијал, Македонија останува во статус-кво состојба. Активистите од здруженија како „Билка“ бараат итна реформа – не само за економски развој, туку пред сè за достоинство и здравје на пациентите.

Hemp oil in a glass jar with grain in a bag, leaves and stalks of cannabis on the background of a dark wooden board

Тие апелираат за:

  • проширување на листата на болести
  • подобар пристап до медицински препарати
  • декриминализација на лична употреба
  • намалување на стигмата

Во спротивно, како што предупредуваат, државата продолжува да ги третира пациентите како прекршители наместо како луѓе на кои им е потребна медицинска помош.



Повеќе во категорија ЖивотПовеќе постови во категорија Живот »

Comments are closed.