Press "Enter" to skip to content

МЕТАН ГОРЕЛ ВО КОЧАНСКО: За влакно избегната експлозија од огромни размери!

Вистинска драма се одвивала синоќа во кочанското село Мојанци, каде што избувнал пожар во пречистителната станица за отпадни води. Огнот избувнал околу 20:30 часот во инсталацијата од системот за пренос на метан, при што се запалиле цевки од системот и постоела сериозна опасност пламените јазици да се прошират кон местото каде што се складира гасот.

Според информациите од терен, ситуацијата во еден момент била исклучително ризична, бидејќи во непосредна близина се наоѓал балон во кој се собира метан. Доколку огнот стигнел до таа инсталација, постоела реална опасност од експлозија со огромни размери, што можело да предизвика сериозни последици за објектот, околината и жителите во близина.

За среќа, благодарение на брзата и координирана реакција на пожарникарите, сценариото со катастрофални последици било избегнато. На терен веднаш интервенирала Територијалната противпожарна единица со четири противпожарни возила и осум пожарникари, а во гаснењето се приклучиле и доброволци од Доброволното противпожарно друштво Кочани.

По неколкучасовна интервенција пожарот бил локализиран и целосно изгаснат, со што била спречена можноста огнот да се прошири на другите делови од системот и на балонот со метан.

Според првичните информации, во пожарот е причинета само материјална штета, а за среќа нема повредени лица. Надлежните служби ќе вршат дополнителен увид за да се утврдат точните причини за настанувањето на пожарот.

Локалните жители велат дека вакви инциденти предизвикуваат голема загриженост, бидејќи станува збор за објект каде што се работи со запалливи гасови, што секогаш носи потенцијален ризик доколку не се реагира навреме.

Повеќе во категорија ЖивотПовеќе постови во категорија Живот »

Comments are closed.