Во Еквадор, на 58-годишна возраст почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили. Веста за неговото заминување од животната сцена на социјалните мрежи ја сподели неговото семејство.

Кили беше актер со силна сценска присутност, но и уметник со повеќе таленти – свиреше пијано и компонираше музика. Како човек беше познат по искреноста и бескомпромисните ставови, а како актер по големата посветеност и професионалност.

Поп Христов дипломирал актерска игра на Факултет за драмски уметности – Скопје во 1989 година, во класата на Љубиша Георгиевски. Својата театарска кариера ја градеше на сцената на Македонски народен театар, каде настапуваше од доцните осумдесетти години, а како вработен работеше од 1993 до 2014 година, како и краток период во 2018 година.

Во МНТ оствари бројни значајни улоги, меѓу кои: Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“, Антинор во „Троил и Кресида“, Пејачот во „Мара/Сад“, Крсто во „Ослободување на Скопје“, Осман бег во „Македонска крвава свадба“, Микољка во „Злосторство и казна“, Срета во „Народен пратеник“, Принцот во „Ричард Трети“, Мишка во „Ревизор“ и Пијанистот во „Баал“.
Своја трага остави и на филмското платно со улоги во филмовите Панкот не е мртов, Бал-кан-кан, Збогум на 20 век, „Самитот на шаманите“, „Преку езерото“, „Македонска сага“, „Тетовирање“ и „Пикасо“. За филмот „Судијата“ ја компонираше музиката.
Настапуваше и во телевизиски серии како Бумбари, Трст виа Скопје, „Македонски приказни“ и „Досие Скопје“.
Во 2014 година, Кирил Поп Христов со сопругата и ќерката се пресели во Еквадор, но повремено доаѓаше во Скопје.

Според информациите од семејството, актерот ќе биде погребан во местото Манглара́лто, покрај Пацифичкиот океан.





Comments are closed.