Македонската ориентална танчерка и инструкторка Елена Вукановска периодов живее во ритам на исклучително интензивни подготовки. Со четири часа дневно во сала и дополнителни два часа во теретана, таа влегува во еден од најсериозните тренажни циклуси во својата досегашна кариера – сѐ со една цел: достојно да ја претстави Македонија на меѓународната сцена.

Минатиот викенд настапи на фестивал во Грција, во конкуренција на танчерки од повеќе земји, а веќе на 29 ноември ја очекува нов предизвик – престижен фестивал во Србија, каде повторно ќе застане рамо до рамо со европски и балкански имиња од светот на ориенталниот танц.
„По четири часа работам во сала на подготовки за фестивалите и по два часа во теретана. Секој ден ми е однапред испланиран за да можам да го извлечам максимумот – и физички и уметнички“, вели Вукановска.
Овој строг режим подразбира техничка прецизност, кондициска издржливост и детална работа на кореографијата, изразот и сценскиот настап. Ориенталниот танц бара силна мускулатура, контрола на движењето и беспрекорна енергија – нешто што, според Елена, се постигнува само со дисциплина и целосна посветеност.
Пауза од настапи, но не и од работа

Поради напорниот циклус на подготовки, Елена моментално не настапува на домашната сцена. Но нејзиното студио продолжува активно да функционира.
„Периодов не настапувам, но моите ученички неуморно ме заменуваат. Расте нова генерација таленти кои достојно ја продолжуваат традицијата“, посочува таа со гордост.
Како инструкторка, Вукановска не само што гради сопствена кариера, туку вложува и во создавање силна танцова школа. Нејзините ученички веќе освојуваат награди и настапуваат на фестивали, што е доказ дека нејзиниот труд се мултиплицира.
Медали, признанија и најголемата награда

Иако млада, зад себе има бројни медали, титули и признанија од семинари, работилници и фестивали ширум Европа. Повеќепати е прогласувана за најмлада и најдобра натпреварувачка, но и за инструкторка во различни категории на ориенталниот танц.
Сепак, таа вели дека постои момент кој секогаш ѝ предизвикува најсилни емоции:
„За мене најголема награда е кога на светски фестивал ќе го видам македонското знаме, ќе ја слушнам македонската химна и ќе застанам на сцена со иконите на овој танц.“

Токму тој момент – спојот на личниот успех и националната гордост – е причината поради која Елена Вукановска шест часа дневно вложува труд, пот и дисциплина. Зад секој блескав сценски настап стои часови работа, но и огромна љубов кон уметноста што ја претставува.






Comments are closed.