Press "Enter" to skip to content

ЕУ го казни „Алиекспрес“ со 550 милиони евра поради продажба на опасни и нелегални производи

Европската комисија му изрече рекордна казна од 550 милиони евра на кинескиот онлајн трговски гигант „Алиекспрес“, поради недоволни мерки за спречување на продажба и промоција на забранети производи на платформата.

Според Европската комисија, на платформата биле достапни фалсификувани брендови, небезбедни играчки, опасна козметика и други производи кои не ги исполнуваат европските стандарди за безбедност.

Недоволни контроли и милиони забранети производи

Од Брисел посочуваат дека „Алиекспрес“ не презел доволно ефикасни мерки за откривање и отстранување на нелегалните производи.

Еврокомесарката за дигитални прашања, Хена Виркунен, изјави дека платформите имаат обврска систематски да ги идентификуваат и отстрануваат ризиците за потрошувачите.

Според Европската комисија, контролорите задолжени за проверка на производите имале само 10 до 20 секунди за преглед на секој оглас, што, според институцијата, било недоволно за ефикасна контрола.

Дополнително, алгоритмите за препораки и рекламирање им нуделе на корисниците и нелегални производи. Комисијата наведува дека на потрошувачите во Европската Унија им биле препорачани речиси 15 милиони забранети производи.

„Алиекспрес“: Казната е непропорционална

Од компанијата соопштија дека не се согласуваат со одлуката и ја оценија казната како непропорционална.

Тврдат дека во изминатиот период инвестирале значителни средства во подобрување на безбедноста на производите и намалување на ризиците на платформата.

Компанијата најави дека внимателно ќе ја разгледа одлуката и ќе ги искористи сите достапни правни можности.

Рок до 20 октомври

„Алиекспрес“, кој е дел од кинеската групација „Алибаба“, има рок до 20 октомври да достави план со конкретни мерки за усогласување со барањата на Европската Унија.

Доколку не ги исполни обврските во предвидениот рок, компанијата може да се соочи со дополнителни финансиски санкции.

Повеќе во категорија ЕкономијаПовеќе постови во категорија Економија »
Повеќе во категорија СветПовеќе постови во категорија Свет »

Comments are closed.