Press "Enter" to skip to content

Полска инвестира милијарди во бакар, Македонија сè уште ја чека најголемата гринфилд инвестиција

Додека Полска вложува милијарди долари во развојот на бакарната индустрија и ја позиционира како стратешки столб на својата економија, Македонија и понатаму чека реализација на проектот Иловица-Штука – инвестиција вредна околу 350 милиони евра, која со години останува нереализирана.

Во време кога побарувачката за бакар расте поради енергетската транзиција, електричните возила и обновливите извори на енергија, сè повеќе држави го третираат овој метал како стратешки ресурс од национално значење.

Полска вложува 8,5 милијарди долари до 2030 година

Полската компанија KGHM, еден од најголемите светски производители на бакар и сребро, најави инвестиции од над 8,5 милијарди долари до 2030 година како дел од својата нова „Стратегија 2055+“.

Планот предвидува значително зголемување на производството и профитабилноста, со цел годишното производство да достигне 730.000 тони бакар.

Покрај проширувањето на домашното производство, компанијата планира изградба на нов рудник – KGHM 2.0, со што дополнително ќе ја зајакне позицијата на Полска како еден од водечките европски производители на бакар.

Извршниот директор Ремигиуш Пашкевич истакна дека по 2035 година компанијата има амбиција да прерасне во модерна индустриска групација која ќе работи со повеќе видови критични минерални суровини.

Инвестиции и надвор од Полска

Новата стратегија предвидува околу 80% од инвестициите да бидат насочени кон домашните капацитети, додека остатокот ќе се инвестира во рудници во Чиле, САД и Канада.

Меѓу приоритетите се рудникот Сиера Горда во Чиле, каде KGHM поседува мнозински удел, како и рудникот Робинсон во американската сојузна држава Невада.

Според компанијата, ваквиот пристап ќе обезбеди поголема стабилност во снабдувањето со суровини и ќе ја зголеми конкурентноста на глобалниот пазар.

Македонија сè уште ја чека Иловица-Штука

Во Македонија, и покрај значајните резерви на бакар и други критични минерали, најголемата планирана гринфилд инвестиција сè уште не е реализирана.

Според најавите на „Еуромакс Ресоурцес“, проектот Иловица-Штука, вреден околу 350 милиони евра, би можел да донесе значителни економски придобивки.

Проекциите укажуваат на потенцијален раст на бруто-домашниот производ од околу 3 проценти, повеќе од 180 милиони евра годишни приходи и зголемување на македонскиот извоз за околу 4 проценти во текот на планираниот 23-годишен работен век на рудникот.

Бучим-Боров Дол останува единствениот активен рудник

Во моментов, „Бучим-Боров Дол“ е единствениот активен рудник за бакар во земјата, но неговите резерви постепено се намалуваат.

Во изминатите години не беа реализирани ниту други најавени проекти, меѓу кои рудниците на Кожуф и Казандол, поради што Македонија останува без нови значајни инвестиции во секторот.

Европската Унија го забрзува развојот на критичните минерали

Европската Унија веќе идентификуваше 47 стратешки проекти во 13 земји-членки за експлоатација и преработка на критични минерални суровини, за кои се предвидени забрзани процедури за издавање дозволи.

Во таа категорија спаѓаат бакарот, никелот, антимонот и други минерали со кои располага и Македонија.

Во домашното законодавство, исто така, се предвидуваат забрзани процедури за вакви проекти, но останува прашањето кога тие ќе се преточат во конкретни инвестиции и нови работни места.

Повеќе во категорија ЕкономијаПовеќе постови во категорија Економија »
Повеќе во категорија ЖивотПовеќе постови во категорија Живот »

Comments are closed.