Растечките животни трошоци, прескапото домување и руинираниот образовен систем предизвикаа нов, силен бран протести низ цела Европа! Млади, студенти и незадоволни граѓани масовно излегуваат на улиците во Франција, Шпанија, Португалија и Италија, а незадоволството сѐ почесто ескалира во насилни судири со полицијата.
Во Франција, средношколците водат жестоки улични битки поради преполните училници и недостигот на наставници. Нивниот револт набрзо се прелеа во масовни демонстрации за намалување на животните трошоци и цените на горивата.
Во Шпанија и Португалија главната болка е домувањето! Шпанците се кренаа на нозе откако 87-годишна жена почина набрзо по насилното иселување поради енормно зголемена кирија (за 230%). Во Португалија, цените на становите скокнаа за вртоглави 124% од 2015 година, двојно повеќе од просекот во ЕУ.
Сликата не е помирна ниту во Италија, каде протестите во Милано завршија со маскирани демонстранти кои фрлаа камења по полицијата, ниту пак во соседна Албанија, каде граѓаните веќе со месеци протестираат против корупцијата и лошиот систем.
Експертите предупредуваат дека зад сите овие немири се крие длабока криза на доверба, младите полека губат верба дека државните институции можат да им понудат еднакви можности и подобра иднина. Додека владите нудат делумни решенија и минимални отстапки, улиците низ Европа и понатаму вријат.










Comments are closed.