Во историска заедничка операција меѓу македонското МВР и американското ФБИ, целосно е срушен илегалниот сајбер-пазар OLVX. Платформата служела како црна берза каде масовно се продавале украдени лозинки, банкарски податоци и фишинг-алатки. Зад оваа криминална мрежа, според пријавата, стоел 20-годишник од тетовското село Голема Речица.
Но, несовпаѓањето во извештаите на двете служби го вклучи алармот. Додека МВР соопшти дека на пазарот се нуделе над 1.500 украдени податоци, ФБИ прецизираше шокантен факт дека не станува збор за 1.500 лозинки, туку за 1.500 регистрирани продавачи. Ова значи дека реалниот број на компромитирани профили и лозинки низ светот не е во илјади, туку најверојатно достигнува стотици илјади жртви. Засега нема информација дали меѓу украдените податоци има и профили на македонски граѓани.
Експертите предупредуваат дека иако OLVX е изгаснат, украдените бази на податоци сѐ уште кружат низ дарквеб. Затоа се препорачува корисниците итно да преземат чекори за своја заштита. Потребно е да ја проверат својата е-пошта преку базата Have I Been Pwned, да користат различна и комплексна лозинка за секој профил и да вклучат двофакторска автентикација преку мобилни апликации. Дополнително, при секоја промена на лозинката задолжително треба да се избере опцијата за одјавување од сите уреди, бидејќи самото внесување нова шифра не ја прекинува сесијата на напаѓачот кој веќе влегол во профилот.









Comments are closed.