Гласините дека принцот Хари и Меган Маркл планираат да им се извинат на Вилијам и Кејт за низата контроверзни изјави од минатото, се категорично демантирани. Откако британски „Експрес“ објави дека парот сака да се покае, извор близок до војводите од Сасекс за магазинот „Пипл“ ваквите тврдења ги нарече „чисти глупости“.
Според првичните шпекулации, Хари и Меган наводно сакале да се извинат за нивното однесување по повлекувањето од кралските должности во 2020 година, со посебен фокус на шокантното интервју кај Опра Винфри. Токму во тој разговор од 2021 година, Меган крена огромна прашина кога откри дека во кралското семејство имало „дискусии и загриженост“ за тоа колку ќе биде темна кожата на нивниот син Арчи. Овој скандал, проследен со документарецот на Нетфликс и мемоарите на Хари од 2023 година, длабоко ги наруши односите во палатата.
Со неодамнешното пристигнување на семејството Сасекс во Велика Британија, заедно со децата Арчи и Лилибет, нивните односи со британскиот двор повторно се под лупа.
Иако Хари претходно изјави дека сака да се смири со семејството, ситуацијата е поделена. Од една страна, забележан е напредок во односот со неговиот татко, кралот Чарлс, со кого се сретнаа во јули и имаа барем уште еден разговор кон крајот на август. Од друга страна, односот со неговиот брат останува во целосен застој. Изворите нагласуваат дека кај принцот Вилијам не се забележува никаква желба за подобрување на комуникацијата.
Иако познавачите на кралските прилики не исклучуваат помирување во иднина, едно е јасно – наводното извинување до принцот и принцезата од Велс очигледно нема да биде првиот чекор кон тоа.






Comments are closed.