Македонските здравствени власти привремено ја одложија имунизацијата со бесеже-вакцината од бугарскиот производител „Бул био НЦИПД“, по одлуката на Хрватска да ги суспендира сите нејзини серии поради сомнеж за неисправност во квалитетот. Надлежните институции, предводени од Комисијата за имунизација, МАЛМЕД и Институтот за јавно здравје, превентивно ги проверуваат сериите што се користат кај нас, со цел да се утврди дали соодветствуваат со хрватските. Претседателката на Комисијата, проф. д-р Александра Грозданова, уверува дека во земјава нема пријавено несакани реакции ниту компликации како остеомиелитис и дека нема простор за паника кај родителите, иако оваа вакцинација останува задолжителна поради високиот ризик од туберкулоза.
Истовремено, земјата се соочува и со доцнење на вакцините против сезонски грип откако на државниот тендер за набавка не пристигна ниту една понуда. Од Министерството за здравство појаснуваат дека причината е глобален проблем во производството, предизвикан од истовремената промена на сите три вирусни соеви во составот на вакцината по препорака на СЗО. Здравствените власти уверуваат дека преку меѓународни канали се прават напори за заштитните дози да се обезбедат во текот на октомври.






Comments are closed.