Press "Enter" to skip to content

ИЗГУБИВМЕ 73 ОТСТО ОД ДИВИОТ СВЕТ ЗА САМО ПОЛОВИНА ВЕК!

Шокантни и застрашувачки податоци пристигнуваат од најновиот извештај „Жива планета 2026“ на светската организација WWF. За само 52 години, од 1970 до 2022 година, глобалните популации на диви животни се намалиле за неверојатни 73 отсто.

Главни виновници за ова пустошење се агресивното земјоделство кое ги брише живеалиштата, енергетскиот сектор кој ги пумпа климатските промени и алчноста на финансискиот систем. Само во 2023 година се потрошени 7,3 трилиони долари на активности кои се директно штетни за природата, додека за нејзина заштита биле издвоени скромни 220 милијарди долари.

Бројките по региони и екосистеми се катастрофални. Најдрастичен пад од дури 85 отсто има кај слатководните екосистеми, по што следат копнените со 69 отсто и морските со 59 отсто. Географски гледано, најголемото уништување се случува во Латинска Америка, Африка и азиско-пацифичкиот регион.

Сепак, постојат и позитивни примери. Благодарение на долгогодишните и макотрпни напори за заштита, забележан е позитивен тренд на закрепнување на популациите кај зелените морски желки, тигрите и јужноафриканските слонови.

Од друга страна, локалната слика на Балканот останува загрижувачка. Од WWF-Бугарија алармираат дека само во нивната земја, во изминатата деценија се изгубени над 100 заштитени птици грабливки, најчесто поради човечка небрежност и нелегални отровни мамки. Експертите испраќаат јасна порака дека на природата ѝ е потребна итна заштита токму од луѓето.

Comments are closed.